ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори победи поразувајќи ја СДСМ со водство од над 50 илјади гласови, изјави денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски. Тој рече дека коалицијата на неговата партија доби градоначалници во 21 општина уште во првиот круг, а дека во 46 општини има повеќе гласови за советници во однос на СДСМ.
„Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот триумфираше на локалните избори. Победата им припаѓа и на младите и на старите, и на христијаните и на муслиманите, и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Бошњаците, и на Ромите, и на Власите, и на сите останати. И на работниците, и на земјоделците, и на докторите, и на просветните работници“, рече Мисајловски оценувајќи дека попусти биле „притисоците, поткупот, заплашувањата“.
Според него, промени во Македонија се неминовни, бидејќи, како што нагласи, тоа не го покажува само бројот на градоначалници кои се освоени во првиот круг и бројот на кандидати кои одат со водство во вториот круг, туку тоа го покажува и бројот на гласови освоени на советничките листи на ниво на државата.
Мисајловски уште еднаш нагласи дека разликата меѓу коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ е над 50 илјади гласови.
Тој ги наведе општините каде неговата коалиција доби градоначалници во првиот круг: Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Бутел, Гази Баба, Виница, Зрновци, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Могила, Новаци и Јегуновце, а дека се чекаат резултати и за Ѓорче Петров
Општините во кои во вториот изборен круг се влегува со водство се: Македонски Брод, Зелениково, Чешиново Облешево, Кратово, Радовиш,Василево, Ново Село, Битола, Охрид, Кичево и Брвеница.
Мисајловски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има убедлива победа на советничката листа за градот Скопје предводена од професорот Трајко Славески и потсети дека во водство за градоначалник е Данела Арсовска.
„Македонија е на чекор до конечна победа која ќе биде крунисана со детонизирање на ненародната власт на Заев. Оваа власт нема повеќе легитимитет и прашање на време е кога ќе биде целосно поразена“, изјави Владо Мисајловски.