Блокадата од Бугарија не е заради економската, еколошката, здравствената или земјоделската политика на Македонија, туку заради нивните барања да не се признава постоење на македонскиот национален и јазичен идентитет и континуитет пред 1944 година, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Како што вели тој, блокадата е заради јасно дефинирање на барање на Бугарија во нивната државна надворешна политика, утврдена во нивното Собрание. Мисајловски вели дека според логиката на Заев, Бугарија смее и треба да има своја државна резолуција за Македонија, а Македонија не смее и не треба да има државна резолуција за нашата Македонија. Поради тоа, го повтори ставот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски дека до нашето Собрание ќе поднесат резолуција за преговорите со Бугарија.

-Резолуцијата која ја нудиме е одговор на блокадата, одговор на негирањата и одговор на лошите политики кон Македонија. Собранието на Република Македонија има обврска да ја гарантира европската перспектива на државата заедно и еднакво со заштита на нашите човекови права за самоопределување и правото на сопствен идентитет. Резолуцијата која ја нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, таа е документ за кој веќе постои највисок научен и општествен консензус. Формулациите и дефинициите се плод умот и мудроста, совеста и искуството содржани во МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА, вели Мисајловски.