Мафијата си доби своја држава. Аферата„ Мафија“ на владата на Зоран Заев покажува дека државни структури дале логистика на сериозни нарко картели, мафијаши од балкански, европски и светски карактер. Значи од она што до сега беше објавено и изнесено од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа легални пасоши и патни документи со украдени или лажни идентитети и тоа за припадници и водачи на црногорско – српскиот Шкаљарски клан, на еден од водачите на турската мафија, на албански нарко картели, обвини денес потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
-Но ова не е крајот. Денес ќе ви презентираме и нови документи доставени од свиркач до ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонски пасош издаден од МВР на Спасовски и Заев имал и еден од главните соработници на италијанската мафија? Валид Иса Хмаис кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската нарко мафија на 09.01.2019 година во Скопје во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа и го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965-тата година, обелодени тој.
Мисајловски праша: „Дали е ова вистина или како што нарекуваат од СДСМ само перцепција“?
-Валид од 2017-та година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019-та година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција. Според последните информации објавени во италијанските медиуми наводно се наоѓа на островската држава Маврвициус. Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници. За аферата „Мафија“ морале да знаат и одговорните лица во МВР и Владата.Зашто нема никаква потерница по овие лица кои добиле легален македонски пасош со скриен или лажен идентитет? Мафијаши од ваков калибар влегувале во македонската полиција да се сликаат, и сакаат сега од владата на Заев и Спасовски да не уверат дека ниту еден полициски службеник не приметил дека станува збор за исклучително опасни луѓе? – истакна тој.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ јавно прашува: Зашто МВР нема истрага за тоа дали отворале банкарски сметки?
Инаку, во вторникот МВР спроведе акција во која се уапсени девет полициски службеници. Акцијата е наречена „Двојник“. Против 11 лица обвинителството поведе кривична постапка, а осум лица добија притвор. Еден ден претходно на брифинг со новинарите Христијан Мицкоски откри документи, а аферата ја нарече „Мафија“. Обвини дека во соработка со највисоките власти, биле издавани патни исправи на познати мафијаши.
Од друга страна, пак, Оливер Спасовски на прес конференцијата обвини дека ВМРО-ДПМНЕ практично ја пробило акцијата која била подготвувана една година во соработка со Интерпол.