„Сега сме еднакви во НАТО, но, не смееме да заборавиме дека сме сериозна земја-членка од 2008 година. И тогаш беше нашето место во НАТО. Сега седиме еден до друг, имаме право да си го кажеме нашето мислење, но секој еден од вас е заслужен што Македонија е во НАТО“ рече министерот за одбрана Владо Мисајловски, обраќајќи се до претставниците на Здружението на ветераните и резервистите од областа на одбраната и безбедноста и на Дипломатскиот клуб – Скопје, во чија организација беше трибината по повод пет годишното членство на нашата земја во НАТО Алијансата, која се одржа во Домот на Армијата во Скопје.
Министерот Мисајловски истакна дека од особена важност е тоа што државата издвојува 2% од буџетот, за одбрана и најави дека македонската армија и понатаму ќе се модернизира.
„32% од нашиот буџет оваа година се директно одвоени за модернизација, тоа ќе продолжи и во наредните години… важно е Армијата да се модернизира, да ги модернизираме нашите капацитети и пред се да вложуваме во човечкиот потенцијал“ рече Мисајловски и додаде дека е потребно да се разговара за регионалниот пристап, за она што е најпотребно за Армијата согласно стратешките документи и Целите на способност, но и да се помагаме со нашите сојузници и пријатели.
Мисајловски се осврна и на предизвиците во однос на инвестициите во објектите кои се во многу лоша состојба, при што нагласи дека се вложуваат максимални напори сите оние капацитети кои се во надлежност на министерството, да се стават во функција, особено оние кои се од отворен карактер да можат да ги користат и граѓаните. Министерот посочи дека стои на располагање на претставниците на здруженијата со кои има одлична соработка во насока заеднички да се подобрат сите услови и да се постигнат поголеми успеси.
На крајот министерот упати покана до учесниците на трибината за претстојната Централна свеченост по повод одбележувањето на петгодишнината од членството во НАТО, која ќе се реализира на 28 март, во касарната „Илинден“ во Скопје.
Текстот Мисајловски на трибина посветена на петгодишнината од членството во НАТО е превземен од МАКФАКС.