Mинистерот Владо Мисајловски заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.

„Единството на Алијансата е на највисоко ниво. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за одвраќање и одбрана на целата територија на НАТО“, рече министерот и додаде дека Алијансата е обединета по трите нејзини основни задачи – одбрана и одвраќање, колективна безбедност и менаџирање на кризни состојби.

Мисајловски порача дека на состаноците се отворило прашањето за инвестициите во одбраната наменети за одбранбени и цивилни капацитети кои ќе ја зајакнат безбедноста и сигурноста, но и општествената отпорност.

„Иако одбраната е клучната задача на Армијата и Министерството за одбрана, потребно е целокупното општество да се вклучи во зголемувањето на нашата отпорност, заштитата на мирот, стабилноста и безбедноста на секој поединец“, подвлече тој.

Министерот на состанокот даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на Алијансата и ја потврди посветеноста на земјата кон колективната безбедност.

Во попладневните часови се одржа и состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој земјите-членки на НАТО ја потврдија определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина. На оваа сесија учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Министерот Мисајловски учествуваше и на состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО.

Овој состанок е последна подготовка пред Самитот на НАТО во Хаг, што ќе се одржи на 24 и 25 јуни 2025 година.