Следната година Армијата ќе вработи нови професионални војници, граѓани со цивилни факултети, но и администрација потребна на Министерството за одбрана, најави денес министерот за одбрана Владо Мисајловски. Стабилното буџетирање, инвестирањето во модернизацијата и опремување во човечкиот капацитет се трите столба од приоритетно значење на Министерството за одбрана и Армијата за следната година.
„Сакам да најавам дека од следната година почнуваме постапка за прием на нови 300 професионални војници. Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Исто така продолжуваме со прием на до 60 граѓани со цивилни факултети, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што се дополнителни вработувања за оние категории што се најпотребни во Министерството за одбрана“, најави министерот Мисајловски.
Освен нови вработувања, министерот Мисајловски извести дека од следната година тековно ќе се исплаќаат сите обврски кон вработените. Последните шест месеци Министерството исплатило 99 проценти од наталожените обврски кон вработените.
„Како Министерство издвоивме околу 14 милиони евра директно да се исплатат средства на сите вработени за изминатите години. Тоа е навистина огромна заслуга на сите од раководството. Зборувам за 14 милини евра кои од 2014 година по различни основи не биле исплаќани и навистина сум горд што можам да кажам дека 99 проценти се исплатени средствата оваа година. Ова значи многу за сите вработени бидејќи во минатото и сега имаме огромни тужби по различни основи. Само оваа година преку 6 милиони евра поради неисплатени обврски кон вработените. Сакаме да стартуваме од следната година со сите средства што ги имаме во буџетот постојано и редовно да се исплаќа. Тоа е многу важно бидејќи на тој начин ќе заштедиме многу средства и ќе го заштедиме буџетот а ќе нема и трошоци за извршители и судски постапки“, рече министерот Мисајловски.
Министерството за одбрана следната година ќе располага со буџет од 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони се наменете за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе. Модернизацијата во Армијата и инвестирањето значителни средства министерот Мисајловски смета дека е гарант дека со секој еден изминат ден македонската Армија се менува и ја зголемува борбената готовност.
Следната година ќе пристигна значителен дел од новата опрема за Армијата, а министерот најави и реконструкција на голем дел од капацитетите со кои располагаат оти се во лоша состојба. Меѓу капацитетите кои ќе се реновираат најави дека е и Домот на АРМ, чија обнова ќе оди етапно.