Министерот за внатрешни работи во Владата учествуваше во платформата „100% посветено за тебе“ каде за јавноста во фокус беа мерките и политиките за безбедноста, одбраната и правдата.

Министерот Тошковски уште еднаш потенцираше дека бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата е еден од главните приоритети на новата Влада и МВР бидејќи тие го поткопуваат функционирањето на општеството и ја креираат недовербата на граѓаните во функционирањето на институциите и самата држава.

Министерот истакна дека при преземањето на функцијата иако начеканата состојба беше катастрофална во поглед на организација и ресурси сепак и со тие ресурси и голема посветеност резултатите во борбата со организираниот криминал и корупцијата дава значително подобри резултати од претходно.

„Еден врховен судија и еден член на Совет на јавни обвинители со правосилна пресуда повеќе не се дел од рекетарски систем којшто институционално го граделе години наназад. Во една недела за два дена имавме две сеопфатни акции, едната на територија на Југоисточна Македонија и едната на Западна Македонија. Во едната падна цела организирана група на цариници којшто ја злоупотребувале службената положба и се богателе на грбот на македонските граѓани. Во втората акција беше сузбиена една криминална група која долги години харала и била поврзана со нелегална трговија со дрога, со луѓе, перење пари. Разликата од претходно во спроведување на таков тип на акции е што тогаш на денот на акцијата некако магично првите луѓе на тие криминални групи секогаш беа надвор од државата и недостапни за полицијата, а беа апсени луѓе кои не се носители на криминалот. Е сега таква информација која ќе им дозволи да избегаат не протекува и затоа акциите се успешни и ќе продолжат да бидат успешни“, дециден беше министерот.

Тошковски запрашан кога ќе профункционираат камерите од многуочекуваниот проект Сејф Сити истакна дека поставувањето на камерите во Скопје, Тетово и Куманово се очекува да биде завршено и проектот да биде финално пуштен во текот на 2025 година. Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви чии бројки се очекува драстично да се намалат.

„Проектот иако планиран и почнат од порано не се предвиделе системските решенија како ќе се имплементира и низ другите институции како судовите. Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство. Измените се однесуваат на воведување на нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следи, запазувајќи ги сите законски регулативи. Секако ќе има период на информирање на граѓаните, нивно прилагодување кон системот со цел да стартуваме сите спремни и заедно да градиме сообраќајна култура која ќе резултира со ред во сообраќајот без жртви“, потенцираше Тошковски.

Тошковски на крај истакна дека Министерството е целосно посветено кон креирање на опремена, обучена и модерна европска полиција која ќе ја штити безбедноста на сите свои граѓани и бескомпромисно ќе се бори со сите видови криминал и корупција кои ја нагризуваат функционалноста и просперитетот на општеството.