Министерството за здравство ги поддржува заложбите на медицинските синдикални здруженија за подобар здравствен систем и за поефикасна  здравствена услуга на пациентите,соопштија попладнево од Министерството за здравство.

Како што информираат оттаму, министерот Фатмир Меџити на последниот состанок со претседателот на Синдикатот на Клинички центар д-р Предраг Серафимовски и со д-р Љубиша Каранфиловски претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита разговарал за состојбите во здравството и биле спомнати повеќе идеи во врска со Клиничкиот центар, специјализациите, подобрите услови за работа на здравствените работници, нивното стручно усовршување….

– На состанокот беше договорено дека од септември ќе се одржи работна средба на која подетално ќе се разработат одредени актуелни прашања, меѓу кои и пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, велат од МЗ.

Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, денеска на прес-конференција упати барање августовската плата да се усогласи со минималната плата. Во спротивно, најави можност за протести.

– На иницијатива на министерот пред околу десетина дена, на состанокот во неговиот Кабинет, се формира работна група за усогласување на платите. Никој во државата не смее да има под минималната плата, односно 20.175 денари, но кај нас не е така. До четврта група на сложеност, луѓето кај нас, кои се најзагрозени групи, добиваат од 15.900 до некаде 17-18.000 плата. Тоа, според закон, е кривично дело, рече Серафимовски.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, како што додаде Серафимовски, им дал поддршка и најавил дека од септември ќе се заложи да обезбеди финансии за никој да не стартува под минимална плата.