Предлог закон за дополнување на Законот за јавното обвинителство ќе се објави на Електронски национален регистар на прописи на ЕНЕР, најави денеска Министерството за правда.  Носењето на законското дополнување, според Министерството, произлегува од потребата за зајакнувањето на механизмите за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства и со него се прецизира надлежноста на органите и телата утврдени со законот за вршење на надзорот.

Исто така, стои во соопштението, измената која се предлага е согласно основната намера на Владата на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и е во духот на реформите во областа правосудство и негово натамошно унапредување.

Министерството за правда потсетува дека согласно со Законот за судовите, врши  редовен надзор врз функционалноста на Авторизираниот информациски систем за управување со предмети во судовите – АКМИС.  По спроведените надзори во судовите, изготвува записници и ги објавува на својата веб страница и  ги проследува до непосредно повисокиот суд и Судскиот совет на Република Северна Македонија.  – Комисијата изготвува полугодишни извештаи кои се објавуваат на веб страницата на Министерството за правда во кои се содржани констатираните состојби во судовите во врска со примена на одредбите од Судскиот деловник и автоматската распределба и прераспределба на предметите во судовите што се врши преку АКМИС, наведува Министерството за правда.