Министерството за одбрана продолжува да биде лидер во активната транспарентност, според Индексот за активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации. Ова е трета година по ред одбраната да биде рангирана на првото место, а втора година со освоени максимални 100 проценти.

Индексот за активна транспарентност ги рангира сите институции во државата, на локално и на централно ниво од 2016 година, а Министерството за одбрана од 45-тото место со 47,6% на почетокот на мерењата, достигна прво место со максимален процент. Како што се наведува во истражувањето, „министерството се наоѓа на 1-та позиција не само меѓу министерствата, туку и меѓу вкупно 98 рангирани институции втора година последователно. Ова министерство особено ја подобрува својата активна транспарентност од 2018 година наваму“.

Министерката Петровска од самиот почеток посочи дека отвореноста на одбраната и активната транспарентност на Министерството продолжува да биде една од врвните приоритети на нејзиниот мандат и дека одбраната ќе продолжи да биде во служба на јавниот интерес и отвореноста кон граѓаните.

Изминатиот период, Министерството постави нов дизајн на веб-страницата, со што првенствено драстично ја подобри безбедноста на веб-страницата, а ја подобри и функционалноста и достапноста на поставените информации. На веб-страницата можат да се најдат видат сите документи за работата на министерството кои се од јавен интерес, како јавните набавки, буџетот, стратегиските документи, платите на функционерите и раководството на институцијата и сите информации од јавен карактер, поставени на посебната подстраница на веб-страната под наслов  „Јавноста има право да знае“.