Децата кои повеќе од три недели се лекуваат на Клиниката за детски болести во Скопје, од септември ќе можат да бидат вклучени во формалното основно образование преку онлајн настава. Ова денеска го најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при посетата на Клиниката, каде што го промовираше новиот проект наменет за долготрајно болните деца.
Проектот е резултат на соработка помеѓу Министерството за образование, Министерството за здравство и Здружението САНО – организација која им помага на деца заболени од канцер и други малигни или хронични болести.
„Покрај здравствените предизвици, овие деца се соочуваат и со образовна бариера. Досега немаа можност да го продолжат образованието додека се наоѓаат на подолготрајно болничко лекување. Тоа е сериозен пропуст и форма на дискриминација“, изјави министерката Јаневска.
Образованието ќе се спроведува на два начина:
- Синхроно, односно во живо преку онлајн вклучување во текот на наставата;
- Асинхроно, преку доставување на едукативни материјали и задачи од страна на наставниците, во ситуации кога здравствената состојба не дозволува активна вклученост.
Во зависност од состојбата на секое дете, наставниците ќе може да организираат и индивидуална настава преку дигитални алатки. За оваа цел ќе се користат веќе постоечките платформи како ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници.
„Неколку наставници, кои веќе имаат ученици на Клиниката, се вклучени во обуки за примена на овој модел, за да можат да стартуваат со работа од 1 септември“, рече Јаневска.
Таа потенцираше дека е неопходно да се овозможи целосна инклузија на овие деца:
„Децата болни од канцер не смеат да бидат изолирани од општеството и од секојдневниот живот. Како општество сме должни да им помогнеме да го надминат овој тежок период. Со овој проект, градиме емпатично и одговорно општество“, додаде министерката.
Министерот за здравство Азир Алиу ја поддржа иницијативата, истакнувајќи дека таа е значаен чекор кон целосна грижа за децата.
„Важно е не само нивното оздравување, туку и нивниот образовен и психосоцијален развој“, рече Алиу.
Директорот на Клиниката за детски болести, д-р Реџеп Мемеди, изјави дека оваа иницијатива е од огромно значење за малите пациенти.
„Вклучувањето во образовниот процес значи половина здравје. Им го олеснува долготрајниот процес на лекување“, рече тој.
Според податоците од Клиниката, во моментов околу 20 деца се на подолготрајно лекување поради малигни заболувања. Во некои случаи, третманот трае и до две години, при што во првите шест месеци децата мора да бидат постојано во болница.