Како економиите да постигнат поефикасно опоравување од здравствено – економската криза. Ова е централната тема на економскиот форум кој се одржува во Скопје. Настанот го отвори премиерот Зоран Заев кој во прв план ја испофали работата на економскиот тим на владата и наведе дека владините политики се заслужни за намалена невработеност, пораст на економијата, повисока плата за граѓаните и насочување кон иновативни проекти како зелен развој.

Advertisements

„Тоа се големите задачи што не очекуваат во следниот среднорочен и долгорочен период. Владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата“, рече премиерот Заев.

На конференцијата, домашните, но и политичарите од регионот наведоа дека без регионална соработка тешко може малите економии да бидат забележани и интересни за инвеститорите.

„Внимателно ја следиме ситуацијата и ги следиме напорите што ги прават трите лидери од регионот процесот за заеднички регионален пазар да остане отворен, тој модел што го има Европа. Да се движи по тој план и да не се запре“, рече Мајлинда Брегу генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка.

Американската амбасадорка во Македонија Кејт Мари Брнз изјави дека ќе мора да се бараат нови основи за идната економија. Таа ги повика младите луѓе од земјава посериозно да учествуваат во опоравувањето на економијата.

„Вашата економија може да се адаптира и покажа дека може да успее да ги надмине предизвиците. Тука е волјата, тука е енергијата. Не е само да се излезе посилен од оваа криза туку да се воспостават основи на една економија која ќе се движи понатаму и да ги искористи можностите за граѓаните“, рече Кејт Мари Брнз амбасадорка на САД во Македонија.

Говорниците на форумот констатираа дека не само во Македонија туку и пошироко корупцијата е еден од клучните проблеми со кои се соочуваат економиите. Форумот ќе трае два дена.

Иле Петревски