Новоформираното министерство за енергетика е пример за тоа како чесно и транспарентно се работи за поставување на темелите на енергетската независност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според владејачката партија, Министерството за енергетика за само една година направи резултати кои се видливи, граѓаните добиваат стабилен, модерен и независен енергетски систем.
„СДС денес повторно ја користи старата тактика на ширење дезинформации, обиди за дестабилизација и популистичко манипулирање со стравовите на граѓаните. Најновиот напад врз енергетиката е уште еден обид да се прикријат нивните години на неработа и хаос во енергетскиот систем.
Вистината е сосема поинаква. Во првата година од работењето на Министерството за енергетика, се преземени конкретни и темелни чекори за темелна енергетска трансформација.
Закон за енергетика, усогласен со ЕУ стандардите, интерконектор со Грција, цената на струјата останува непроменета веќе една година, во соработка со Светска банка се обезбедуваат нови фондови за енергетска ефикасност, особено во јавниот сектор. По годините злоупотреби и партиски тендери под власт на СДС, повторно ќе има одговорна поддршка за намалување на потрошувачката и трошоците“.
СДС, додаваат од партијата на Мицкоски, го остави системот со хаварии и без визија.