Со новите измени на Законот за минерални суровини од владата велат дека државата ќе може да ја одземе концесијата на инвеститорот во случај тој да не го почитува договорот. Дополнително, Предлог законот предвидува и подобра наплата и заштита на животната средина. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека и локалните самоуправи ќе може да добијат концесија за отворање на рудник, каменолом или друг начин на експлоатација на минерални суровини.
Advertisements
„Како клучни новини во новиот Предлог закон ќе ги истакнам намалувањето на износот на глобите за субјектите, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата во поголемите прекршоци се предлага да биде зголемен и додавањето oснов за раскин на договорот за концесија, доколку концесионерот екплоатира помалку од 20 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Невладините и еколошките здруженија тврдат дека најбитното барање кое е доставено до Владата не е дел од овој предлог, односно јавноста повторно не е вклучена во носењето на одлука при доделувањето на концесија за минерални суровини. На овој начин, велат од О2, Министерството за економија сака да ги заобиколи активистите, а тоа се потврдува и со самото носење на Законот во ек на летни одмори далеку од очите на граѓаните.
„Клучно е јавноста да знае и да биде информирана и да учествува. Значи локалното население, засегнатата јавност, граѓански организации кои работат во областа на животната средина, да бидат вклучени и информирани и да дадат забелешки согласно Архуската конвенција во рок од 30 дена и да има јавна расправа“, рече Татјана Чакулев еколошко здружение „О2 Коалиција“.
Инаку, пред шест месеци, Владата излезе со предлог измени на Законот за минерални суровини и бараше да се донесат по скратена постапка. Активистите реагираа дека тоа е нетранспарентно и под притисок на граѓанската организација „Разбистри сѐ“ измените беа повлечени. Сега, Владата пак го поднесува Предлог законот по скратена постапка, без да го објави на ЕНЕР, со што и ја ускратува на целокупната јавност можноста да го види и да даде коментари на финалниот законски текст.
Активистите бараат јавноста да биде вклучена не само во процесот на носење на Законот, туку и во сите постапки на доделување концесии и дозволи за ископување на минералните суровини. Тие најавуваат дека повторно ќе бараат од пратениците да поднесат амандмани во Собранието за барањата кои не им се прифатени.
Иле Петревски