Во Министерството за економија во тек се анализите кои треба да покажат дали, освен лебот, ќе има замрзнување на цените и на другите прехранбени производи.
Министерот за економија Крешник Бектеши во петокот во гостување на телевизија Сител најави дека до крајот на неделата ќе се знае дали ќе има ново замрзнување на цените.
– Сите производи кои се наведени во Одлуката за ограничување на маржата се анализираат. Во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки, изјави Бектеши во петокот.
Одлука за замрзнување на цените на прехранбените производи на предлог на Министерството за економија носи Владата, која вообичаено седниците ги одржува во вторник.
Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари до крајот на мај.