Министерството за јавна администрација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува стратешко партнерство насочено кон модернизација на јавната администрација преку научна и академска поддршка.
Овој меморандум претставува основа за зајакнување на соработката помеѓу јавниот сектор и академската заедница, со фокус на размена на знаења, искуства и заеднички развој на иновативни дигитални решенија.
Целта е преку ангажирање на студенти, експертска поддршка, научноистражувачка дејност и заеднички проекти, да се унапредат административните процеси и да се изгради поефикасна, транспарентна и современа јавна администрација.
Соработката предвидува организирање на обуки, работилници и практична настава, развој на апликации и прототипи, како и имплементација на заеднички истражувачки проекти. Посебен акцент ќе се стави и на иницијативи како што се Хакатони, Иновациска лабораторија на јавниот сектор и аплицирање на меѓународни програми.
Оваа иницијатива ја потврдува заложбата на Министерството за јавна администрација за градење на современа и компетентна администрација преку стратешка соработка и вложување во знаење и експертиза.