Сите државни патишта во земјата се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти Министерството за транспорт. Сообраќајот се одвива непречено, но поради актуелните врнежи од снег надлежните препорачуваат внимателно и прилагодено возење.
Јавното претпријатие „Македонија пат“ информира дека нивните екипи се целосно мобилизирани, со располагање на потребната механизација и работна сила, и во континуитет вршат расчистување на снегот на терен. Активностите се координираат со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот низ целата држава.
Од Министерството апелираат возачите задолжително да користат зимска опрема, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината на условите на патиштата. Дополнително, се препорачува навремено информирање преку сите достапни информативни центри за состојбата на државните патишта.
Координираните активности на надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период.
Текстот Министерство за транспорт: Сите државни патишта проодни, се препорачува внимателно возење поради врнежи од снег е превземен од МАКФАКС.























