Министерски совет со учество на министрите за транспорт на земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина ќе се одржи утре во Скопје, во организација на Министерството за транспорт и врски и Секретаријатот на Транспортната заедница.

Ќе се дебатира за напредокот на земјите во делот на реализацијата на инфраструктурните проекти на главните коридори од ТЕН-Т мрежата (европски коридори), како и за напредокот на усогласување на транспортната политика со законодавството на Европската Унија.

Најавено е присуство и на делегација од Европската Комисија предводена од Магда Копчинска, директор на Директоратот за транспорт на ЕК, како и на директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.

Покрај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, се очекува да се обратат и министрите за транспорт на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Молдавија, како и претставници од Албанија, Србија и Грузија, а се предвидува онлајн вклучување на министерот за инфраструктура и на Украина.  Ќе присуствуваат и претставници од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.

Во рамки на Министерскиот совет,  Бочварски ќе оствари билатерални средби со министрите од Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и со претставници од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.