Министерот за финансии, Фатмир Бесими не го знае изворот на хипотеката, со која со судска одлука дел од просториите на телевизија Алсат од 1 март се на јавна продажба. Запрашан како е можно ваква хипотека 20 години да ги мине филтрите на институциите и да не претставува пречка во имотната постапка, Бесими кусо рече дека треба да се почитуваат судските одлуки, додавајќи дека не е конкретно информиран за правните прашања.
„Тоа се правни прашања и во моментов не можам да дадам изјави бидејќи се судски одлуки. Она што е важно е правдата да е на вистинското место и ние како држава сме секогаш заинтересирани инвеститорите да бидат безбедни“, изјави Фатмир Бесими- министер за финансии, пренесува Алсат.
Алсат телевизија побара став и од вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој беше министер за правда во времето кога се водеше судскиот процес. Истиот одби да одговори, не давајќи одговор на јавноста за судска одлука која е заснована на хипотека која се појавува после 20 години и пред се одлуката која наликува дека е политички мотивирана.
Немаше одговор и од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој кусо ни изјави дека не е информиран за случајот, со што одби да оцени дали ваквата постапка на судството влијае на бизнис климата и на домашните инвеститори и не само во Северна Македонија.
Имотот кој сега нелогично се оспорува, е купен од Алсат преку купопродажен договор во 2006 година.
Во судската одлука од 28 април 2022 година, хипотеката која според Министерството за финансии е наследена од судска одлука од 1993 година, го отвора патот на извршителот да го стави на јавна продажба имотот на телевизија Алсат во ДТЦ „Мавровка“.