Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа вели дека прво ќе го почека целосниот извештај од вчерашната јавна дебата за продажба на земјоделското земјиште, па дури потоа ќе одговори на забелешките на земјоделците. Хоџа смета дека дел од критиките поврзани со предлог Законот за продажба на земјоделското земјиште се со политичка позадина, а не поради сериозна загриженост како што тоа го претставиле дел од земјоделците. Конкретно, министерот за ова ја потенцираше изјавата на Јордан Трајков од Иницијативата Граѓански Фронт кој обвини дека земјоделското земјиште наместо да остане кај земјоделците, ќе биде поделено на олигарси и останати бизнисмени кои биле збогатени од како што рече, криминалната приватизација на државните фирми во 90 – те години на минатиот век.

Advertisements

„Беа повикани и страни кои немаат врска со земјоделство, како што беше Граѓанскиот фронт, што самите увидовте кои беа барањата и потребите на земјоделците, а кои беа нивните политички ставови во делот на Законот.“

Јордан Трајков од Граѓанскиот фронт, пак за Алсат вели дека речиси целиот негов живот, тој и неговата фамилија се занимаваат со лозарство и многу добро ги познава состојбите со земјоделството во Македонија. Оваа иницијатива вели дека ја формирал токму поради противењето да се распродаде државното земјоделско земјиште, се со цел да може политички да делува и да направи притисок против ова, според него, лошо решение. Трајков тврди дека позади него не стои ниту една политичка партија, туку само стравување за иднината на македонското земјоделство.

„Јас сум инспириран од овој Закон кој што тие сакаат да го направат или да го донесат, е распродажба на земјоделското земјиште и тоа е неправилен чекор. Тој мене ми вели дека јас сум политички инструиран, да тие ме поттикнаа со ова. А ниту сум јас од ВМРО ДПМНЕ, ниту од СДСМ ниту од ДУИ, не сум ниту од некоја друга партија.“

На дебата помеѓу земјоделците и ресорниот министер, како забелешки за Предлог законот беа наведени можностите по 10 години земјоделското земјиште да се пренамени во градежно, а земјоделците стравуваа дека само големите компании ќе може да купат парцели, а не и малите или индивидуалните земјоделци, бидејќи се наоѓаат во тешка финансиска состојба. Земјоделците стравуваат дека ќе останат без нивниот единствен начин на егзистенција, а тоа е обработката на земјоделските површини. Инаку, според планот, владата на продажба ќе стави 50.000 хектари државно земјоделско земјиште. Парцелите ќе се продаваат на јавен оглас, а на лицитацијата почетната цена ќе се движи од 20 до 60 денари во зависност од класата на земјиштето.

Ile Petrevski