На болните им посака што побрзо закрепнување, а на сите други граѓани да се вакцинираат што помасовно. Ова е пораката што министерот за здравство Беким Сали ја упати по вчерашната посета на болните во Ковид-центарот на Кожната клиника во Скопје.
„Вакцинирајте се! Токму со тоа и со следење на сите мерки на претпазливост, не само што ќе го намалите ширењето на вирусот, туку и ќе го намалите притисокот кон нашите здравствени работници кои неуморно работат за да не’ чуваат безбедни. Само обединети ќе го надминеме заедничкиот непријател – пандемијата. Вистината е едноставна: никој не е безбеден се’ додека не се безбедни сите“, рече тој по посетата на Клиниката.
Министерот Сали вчера ја прими третата доза од вакцината протви коронавирусот. Вели дека на тој начин сака да ги мотивира сите што не се вакцинирани да го направат тоа. „Помогнете, поддржете ја вакцинацијата, да го вратиме нашиот живот таков каков што сакаме да биде“, рече министерот, велејќи дека и пред да биде именуван за министер и сега постојано ќе се залага за што помасовна имунизација на населението.