Министерот за здравство д-р Беким Сали во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија потенцираше дека ќе се посвети на обезбедување на нов клинички центар поради тоа што е неопходен за пациентите и како што нагласи ќе го искористи целиот свој капацитет за наоѓање на заеднички јазик помеѓу двете парламентарни групи.
„Темата за Клинички центар се провлекува од 2006 година ако не се лажам, првичната иницијатива за нов клинички центар кој ќе ги пружа сите терциерни услуги на едно место, физички поврзана секоја клиника со друга. Се провлекува многу долго и еден од моите приоритети коишто освен ковидот да го решиме и ова со четвртиот бран, сигурно ќе биде и законот којшто е веќе предложен во Собранието за нов клинички центар. Секако би било чест за мене да бидам првиот којшто ја фрла првата лопата за новиот клинички центар, меѓутоа дали ќе биде не знаеме, затоа што знаете тоа треба да помине со двотретинско мнозинство со усогласување и на позиција и на опозиција. Обично е опозицијата таа која секогаш наоѓа маани, а позицијата е таа која иницира гласање на одреден закон. Јас ќе го користам сиот мој капацитет колку можам да изменаџирам состојба на наоѓање заеднички јазик помеѓу двете парламентарни групи и ќе се посветам за обезбедување на нов клинички центар којшто сметам дека е неопходен. Ковидот ни покажа колку е важно да имаме здрав здравствен систем којшто функционира беспрекорно, кој пружа високо квалитетна услуга и навремена. Во последните 15 години ние постојано реновираме делови од клиники, но никако видиме изградена клиника којашто е функционална. Цело време лепиме дупки кои се појавуваат и во објектите, и во опремата и во системот воопшто“, рече Сали.