Меѓународното право не се занимава со признавање на идентитети и јазици, вклучително и во контекстот на прашањата поврзани со Република Северна Македонија. Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

„Формулации како „признавање на македонски идентитет“ и „признавање на македонски јазик“ не се правни категории што подлежат на признавање според меѓународното право. Тие не се дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, ниту пак одредби поврзани со проширувањето“, изјави Георгиев.

Тој нагласи дека вакви референци не се појавуваат ниту во други резолуции на Европскиот парламент за Република Северна Македонија.

Министерот потсети дека Договорот за ЕУ воспоставува принцип на институционална автономија. Додека владите на земјите-членки учествуваат во Советот на ЕУ, тие не се дел од процесот на изготвување на извештаи и резолуции на Европскиот парламент. Европратениците ги извршуваат своите функции слободно и независно, според процедурниот правилник на Парламентот.

„Не е случајно што резолуциите на Европскиот парламент немаат обврзувачки карактер за земјите-членки. За разлика од нив, документите што ги усвојува Советот на ЕУ се обврзувачки за владите, а националните позиции се земаат предвид во процесот на нивно изготвување“, објасни Георгиев.

Тој додаде дека секоја официјална референца на „македонски јазик“ во документи на ЕУ треба да се разбира според уставот на Северна Македонија, без тоа да претставува признавање од страна на Бугарија.

Министерството за надворешни работи на Бугарија изрази загриженост поради можни нерегуларности при подготовката на новиот извештај на ЕП за Северна Македонија, вклучително и можно протекување на интерна документација и нерегулиран лобизам меѓу европратеници и официјални лица од Скопје.

„Таквите дејствија само му одат во прилог на сè поагресивниот националистички дискурс на премиерот на Северна Македонија. Одбраната на Европскиот компромис од јули 2022 година останува врвен приоритет за бугарската дипломатија“, изјави Георгиев.

Тој ја повтори позицијата дека Бугарија е подготвена за конструктивен пристап, но очекува воздржаност од еднострани дејствија од страна на Скопје кои може да создадат нови тензии и да го забават патот на земјата кон ЕУ.