Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска бил опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој вели дека следи краток период на опоравување и уверува дека МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури.

„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.

Тој додаде дека веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќа на редовно извршување на своите обврски во полн капацитет.

Текстот Министерот Тошковски опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е превземен од МАКФАКС.