На тркалезната маса на лидери што се одржа денеска во рамки Самитот на ОН за трансформација на образованието, шефовите на држави и влади дискутира и ги искажаа националните визии, идеи и заложби за подобрување на квалитетот на образованието во пост-пандемискиот период, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Според МОН, покрај министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на тркалезната маса присуствуваа и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот во својот говор се осврна на заложбите на Република Северна Македонија, но и на конкретните чекори преземени во насока на трансформација на образованието на државно ниво, со цел да се обезбеди квалитетно и достапно образование за сите.

-Како резултат на националните консултации за тоа како треба да изгледа образованието во државата во иднина, МОН со поддршка на УНИЦЕФ спроведе повеќе чекори. Надлежните институции и во следниот период продолжуваат да со заложбите кон брзо закрепнување на образовниот систем од последиците на пандемијата со Ковид-19 и намалување на пропустите во учењето настанати во периодот кога воспитно – образовниот процес се организираше во вонредни околности. Еден од приоритетите на МОН и на Владата е градење на инклузивно предучилишно и училишно образование кое ќе ги опфати сите деца, вклучително и оние кои потекнуваат од ранливи категории и семејства, кои мора да стекнат основни вештини за учење за да го остварат својот целосен потенцијал, наведува МОН.

Училишната средина, како што стои во соопштението, мора да биде мирна и хармонична, да се почитуваат различностите, да се стимулираат достигнувањата на учениците и да се води грижа за нивното ментално здравје.

-Фокусот на образовните политики ќе биде насочен и кон изработка на нови материјали за настава и учење кои ќе бидат достапни и во дигитален формат, инвестиции во развој и примена на нови дигитални алатки, односно инвестиции во подобрувањето на дигиталната инфраструктура на сите училишта, како и грижа за професионален развој на наставниците, особено преку јакнење на дигиталните компетенции. Акцент е ставен и на обезбедувањето можности за доживотно учење, преквалификација и доквалификација. Владата и МОН ќе се заложат за воспоставување на нова финансиска рамка за постепено зголемување на средствата за основно и средно образование за општините до 35 проценти, како и за оптимизирање на училишната мрежа за да можат сите училишта да обезбедат квалитетно образование согласно националните образовни стандарди, посочуваат од МОН.