Министерот за здравство Беким Сали на својот фејсбук профил објави дека денеска се сретнал со евроамбасадорот Дејвид Гир и претставници од делегацијата на ЕУ и дека дел од темите на средбата биле активностите за унапредување на опфатот со вакцинација против Ковид-19, покана за пристап во програмата EU4Health, како и усогласување на законодавството во однос на законите за лекови, дроги, трансплантација, контрола на производи од тутун.
Посочува дека на средбата станало збор и за тековните проекти, кои се одвиваат преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2 и ИПА 3, преку кои се обезбедува опрема за здравствениот сектор, како и активности за намалување на загадување на воздухот и активности поврзани за унапредување на здравјето на населениото во нашата држава.
Во рамки на ИПА 3 проектот, како што нагласува Сали, е предвидено унапредување на службите за перинатално здравје, подобрена превенција и контрола на незаразни заболувања, превенција на канцер и поддршка за развој на Е–здравство, за што е подготвен акциски документ за ЕУ-финансиран проект за унапредување на здравјето и на социјалната заштита и родовата еднаквост.
– На амбасадорот Гир му изразив голема благодарност за континуираната поддршка од ЕУ уште од почетокот на Ковид-19 пандемијата за здравствениот систем во нашата држава, во однос на обезбедената медицинска апаратура за справување со здравствените ризици, опрема за лична заштита на медицински персонал, како и за пристигнатите вакцини преку Ковакс механизмот. Целокупната поддршка преточена во проекти ќе придонесе за унапредување на здравствените услуги и подобрена дијагностика, како и за превенција и третман на пациентите, напиша Сали.