Министерот за надворешни работи Бујар Османи деенска имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан кој престојува на работна посета на Северна Македонија, соопшти МНР.

– Северна Македонија и Турција одржуваат традиционално добри билатерални односи. Се надевам дека оваа динамика ќе биде уште посилна во наредниот период. Турција претставува важен пријател и сојузник на Северна Македонија. Имаме повеќе од 30 години дипломатски односи и во овој период изградивме многу мостови меѓу нашите граѓани, истакна Османи.

Според Османи, неодамнешното отворање на почесниот конзулат во Анталија, а минатата година и во Едрене и во Амасија ќе придонесуваат во збогатување  и проширување на соработката со регионите со акцент на трговијата и туризмот.

Покрај начините на користење на потенцијалите за економска соработка меѓу двете земји, тема на разговор беше и мултилатералната соработка во рамки на меѓународните организации, со посебен фокус во сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата. Соговорниците разменија мислења и за други актуелни прашања од надворешната политика, се наведува во соопштението од МНР.