Министерот за здравство Фатмир Меџити упати остри критики за функционирањето на министерството кое тој самиот го води. Според него, здравството е во алармантна состојба со многу проблеми. Како самокритичар побара поддршка од владата за да се стави на вистински пат работењето на Министерството. Поточно, тој го спомена здравствениот систем за лицата погодени од ментална попреченост, кој го опиша како целосно уништен.

„Скоро два месеци сум на чело на Министерството за здравство. Ова што го гледам, здравствената состојба воопшто не е добра, алармантна е. Ова го кажав и на седницата на Владата и тука ќе треба да направиме многу повеќе и за ова барам поддршка. Ова треба да се сфати како самокритика. Како прво, од формирањето на нашата држава пред 33 години, на ваквите средби кажуваме добри, убави зборови, велиме дека се е во ред и како што треба, но апсолутно не се согласувам дека е така. Еве, јас сум самокритичен. Имаме основни објективни проблеми, пред се зборувам за здравјето“, вели Меџити, пренесува Алсат.

Овие коментари министерот за здравство ги даде за време на конференција посветена на менталното здравје на адолесцентите за време на пандемијата, на која, меѓу другото, беше речено дека во Македонија, стапката на депресија, анксиозност и дисфункција кај адолесцентите е двојно повисока, од ваквата состојба кај возрасните.

„Врз основа на глобалното истражување на УНИЦЕФ, три од четири проблеми во менталното здравје започнуваат во детството и адолесценцијата. Ова е причината зошто е важно рано решавање на проблемите со менталното здравје. Прекинот на рутината, образованието, забавата, како и грижата за семејниот приход и здравјето, остави многу деца и млади луѓе да се чувствуваат исплашени и загрижени за својата иднина“, рече Патрија Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Над милијарда луѓе ширум светот, според СЗО, се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје. Додека според УНИЦЕФ, едно од седум деца и млади луѓе во светот имаат проблеми со менталното здравје.