Околу 8.000 евра чинела Ифтар вечерата што ја организираше актуелниот министер за здравство Беким Сали пред речиси еден месец во скопскиот хотел „Хилтон“, потврди тој во изјава за „Фокус“.
Првиот човек во здравството до редакцијата на Фокус ја испрати и фактурата за тоа колку изнесува целокупната сума, на која може да се забележи дека тој ја платил сметката преку неговата приватна стоматолошка организација „Молар Дент“, каде што тој фигурира како сопственик.
Според фактурата , на сите ифтарски вечери присуствувале 705 луѓе, а менито чинело 1.000 денари по човек со 30 посто попуст.
Како што веќе објави Фокус, биле приредени неколку ифтарски вечери, од кои една специјално за новинарите, додека друга за дел од директорите, лекарите и медицинскиот персонал од скопските клиники, само од муслиманска вероисповед за што тогаш потврдиле и од министерството за здравство.
До редакцијата на Фокус стигнале бројни реакции од директори, лекари и медицински персонал на клиниките, зошто биле поканети само едни, но не биле поканети и другите.
„Фокус“ на оваа тема поразговара и со актуелниот министер, кој првично рекол дека поканата била отворена за вработени на клинички, но подоцна потврди дека биле повикани само тие од исламска вероисповед.
Во текот на последните неколку години, биле организирани вакви Ифтар вечери од повеќе политичари.Пред четири години, поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев беше поканет на Ифтар организирана од страна на локалната самоуправа. Екс премиерот Никола Груевски, исто така организираше Ифтар во 2015 година по повод рамазанските пости за членовите и симптизерите на ВМРО-ДПМНЕ и за коалиционите партнери од исламска веросиповед.