Министерот за информатичко општетсво и администрација Азир Алиу учествуваше на Конференција во Париз за започнување на ревидираните принципи на јавна администрација, при што говореше на сесијата на министерско ниво, за прашања поврзани со реформите во јавната администрација, од перспектива на интеграција во Европската унија.

-Најважните чекори напред се воспоставувањето на Порталот за електронски услуги, Централен регистар на население и платформа за интероперабилност како хоризонтални решенија кои ќе ја подобрат испораката на услугите и ќе овозможат креирање политики во партнерство со релевантните чинители. Сите овие решенија се самоодржливи бидејќи клучот за иднината е дигитализацијата, рече министерот Алиу.

Тој потенцираше дека проектот Централен регистар на население на Министерството за информатичко општество и администрација е награден со специјално признание за Back-end Enabler за дигитална трансформација и зголемена приспособливост на натпреварот под мотото „Подобри јавни услуги за подобар живот на граѓаните“, во организација на РеСПА заедно со ОЕЦД/СИГМА.

Министерот Алиу се осврна и на плановите за искористување на постоечките капацитети на Националната пошта за воспоставување 333 контакт точки во државата, за давање на сите услуги што ги нудат институциите.

Според Алиу, фокусот на активностите е ставен на два аспекта. Првиот е преку донесување соодветни законски решенија и воспоставување институционална структура, за нивна правилна и ефективна примена. Вториот, пак,  е дигитализација и автоматизација на процесите, со што целосно ќе се намали потенцијалното човечко влијание и ризиците од корупција. Дигитализацијата би ги опфатила сите можни аспекти, без разлика дали се работи за процесот на вработување и унапредување на административните службеници и евалуација на нивниот учинок или испорака на сложени услуги за граѓаните и бизнис заедницата.

На конференцијата организирана од СИГМА/ОЕЦД покрај  министерот Азир Алиу учествувал и генералниот секретар на Владата Методија Димовски.

-Целта на конференцијата е учесниците да разменат искуства и да се даде нов поттик за тековните реформи кај земјите кандидати за ЕУ и потенцијалните кандидати, што ќе помогне да се забрза економскиот развој и подобрување на благосостојбата на граѓаните, информира МИОА.