Министерството за здравство информира дека сите граѓани имаат можност да пријават сознанија за евентуални неправилности во врска со вршењето кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции преку алатката „Пријавете неправилност“, достапна на веб-страницата на Министерството за здравство.

„Транспарентноста во секој процес е наш приоритет, така што кон секоја пријава на каква било неправилност во здравствениот систем пристапуваме со максимална одговорност и постапуваме во согласност со законските процедури. Токму затоа потсетувам дека преку оваа алатка на веб-страницата на Министерството граѓаните може да пријават и сознанија за евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции. Министерството за здравство останува посветено на унапредување на здравствениот систем, а наш приоритет се здравјето и безбедноста на пациентите“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.

Пријавувањето е доверливо и по секоја пријава се постапува во согласност со законските процедури.

Потсетуваме дека веќе почна со работа интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат најбргу што доставени до стручната комисија составена од странски експерти.

Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.

Текстот Министерот Алиу апелира: Граѓаните да пријават евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции е превземен од МАКФАКС.