Иднината на Албанија е во Европската унија, порача министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, која е во посета на Албанија.

– Би сакала да ја искористам приликата да зборувам за пристапувањето во ЕУ. Канада не е членка на Европската унија, но ние сме пријатели и со Албанија и со Европската унија. Верувам дека иднината на Албанија е во ЕУ, изјави таа на заедничката прес-конференција со нејзината колешка Олта Џачка.

Таа ѝ го честиташе на Албанија претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации, што го презема од денеска.

– Ова е важен месец на меѓународно ниво бидејќи ќе биде недела на високо ниво кога сите лидери ќе бидат во Њујорк, но ова е и месец на Албанија бидејќи ќе претседава со Советот за безбедност. Добро знаеме дека светот се промени во последните 18 месеци. Низ целиот свет видовме пораст на авторитаризмот, а исто така и демократиите се во опасност. Целта овде е да се поддржат демократиите кои ја чувствуваат неоправданата војна на Путин против Украина и секако дека сме и на вистинската страна на историјата. Знаете дека вашата демократија е за заеднички вредности, за владеење на правото, рече Жоли.

Според министерката Џачка, ја изразиле непоколебливата поддршка за суверенитетот на Украина и ја нагласиле потребата од „зајакнување на билатералната координација со земјите истомисленици и партнерите во НАТО“.

– Со мојата колешка Жоли ги споделивме, како што правевме во многу случаи и форуми во минатото, истите оценки и ставови во однос на руската агресија во Украина. Во услови на нови предизвици, предизвикани од случувањата во Украина и јасниот и агресивен предизвик на вредностите на поредокот во кој веруваме, утврдивме потреба од зголемување и зајакнување на нашата билатерална соработка и координација, со земјите истомисленици и нашите партнери во НАТО. На министерката Жоли и ја истакнав нашата солидарност и поддршка со сојузниците и партнерите, во контекст на неправедната и неоправдана војна на Русија во Украина и нејзиното влијание во различни региони, вклучително и нашиот регион, нагласи Џачка.

Според неа, во текот на 35-те години дипломатски односи меѓу Албанија и Канада, тие бележат континуиран раст, додавајќи дека со Џоли разговарале за продлабочување на билатералните односи и нивно натамошно зајакнување во областите од заеднички интерес.

– Минатата година ја прославивме 35-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Денеска со задоволство откривме дека многу добрите односи меѓу Албанија и Канада бележат континуиран раст и се карактеризираат со консолидиран дух на пријателство и конструктивна соработка, заснован на демократските вредности што ги споделуваат двете земји, рече таа.

Џачка истакна дека значително е зголемена улогата и придонесот на Канада на меѓународната сцена, а министерката Жоли дала „придонес од прва рака за интензивирање на односите меѓу двете земји“.

– Високо ја оценив важноста од реактивирање на Канадскиот фонд за локални иницијативи за поддршка на различни програми, а изразив благодарност и за одобрувањето на Договорот за социјално осигурување меѓу Албанија и Канада, што е навистина значајно за граѓаните на двете земји и беше постојано барање на албанската заедница во Канада, која е мост на пријателство меѓу нашите земји, оцени таа.

Посетата на министерката Жоли на Албанија е прва по девет години откако е шефица на канадската дипломатија.