Доцна синоќа на Економскиот совет на Влдата договорено е ниминалната плата од март да биде 18.000 денари. На состанокот присуствуваа ССМ, претставник на Кофедерацијата на работодавци и секако владини претставници и премиерот Ковачевски.
Со ова е исполнето барањето на синдикатите кои инсистираа минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари укажувајќи дека тоа е егзистенцијална потреба на работниците во услови кога се зголемени животните трошоци.
Зголемувањето на минималната плата ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината.
– Осумдесет илјади наши работници, наши сограѓани, од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.
Се менуваат и критериумите за усогласување на минималната плата, односно таа ќе се формира како 50 проценти од порастот на на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живот, со дополнителен услов, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти.
– Добивме една нова методологија – 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти, знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, изјави вчера претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.
Од синдикатите се надеваат дека порастот на минималната плата позитивно ќе се одрази и на растот на останатите плати во државата, односно дека ќе се почитува член 8 од Законот за минимална плата.
Работодавачите очекуваат поголема продуктивност од работниците, а допрва ќе ги прават анализите за тоа какви реперкусии ќе имаат врз работењето.
– Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, истакна вчера претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.
Веднаш потоа следуваше фалење на социјалните мрежи, пред се од функционери на ДУИ и СДСМ за тоа кој е заслужен за покачување на минималецот. Министерот за економија Крешник Бектеши во гостување во Клик Плус на ТВ21 изјави дека тоа е заслуга на ДУИ, додека првата заменичка на Ковачевски во СДСМ, Сања Лукаревска преку социјалните мрежи порача дека тоа е заслуга на СДСМ.