Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната расправа за нацрт ажурираниот акциски план 2025 – 2026 на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА), што се одржа во организација на Министерството за јавна администрација. На настанот учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество, меѓународните партнери и експерти од СИГМА, а свое имаше и Баграт Тунијан, раководител на СИГМА во Република Македонија.

Министерот Минчев нагласи дека ревидираните активности се резултат на суштински промени во институционалната и во законската рамка, како и на потребата од реално приспособување на реформите кон новите владини приоритети и препораките од извештајот на СИГМА од 2024 година.

„Јавната администрација е крвотокот на државата. Нашата задача е тоа срце да го зајакнеме, да му дадеме нов ритам, европски ритам, ритам што ќе им служи на граѓаните, а не на партиите или тесните интереси“, рече Минчев.

Тој ја потенцира и важноста на консултативниот процес со засегнатите страни, кој резултира со ревидираниот акциски план нагласувајќи дека „реформата не е затворен процес, таа е отворена, директно поврзана со граѓаните, институциите, граѓанското општество и со меѓународните партнери“.

Целта на јавната расправа беше да се презентира и дискутира со засегнатите страни за нацрт-ажурираниот акциски план за РЈА, кој ги одразува новите приоритети од владината програма 2024 – 2028, како и клучните наоди од извештаите за спроведување на стратегијата и процесот на европска интеграција. „Нашата визија е јасна: силна, професионална и европска администрација, која нема да биде товар, туку двигател на развојот“, порача министерот Минчев. Јавната расправа е последниот чекор пред формалното усвојување на ажурираниот акциски план, кој ќе биде основа за натамошно унапредување на јавната администрација во функција на граѓаните и во согласност со европските стандарди.