Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, давајќи отчет за „100 дена Влада“, рече дека административците што не покажуваат добри резултати на местата на кои се наоѓаат ќе мора да одат на обука што ќе се организира преку нова Академија за административни службеници.
Соред Минчев, главен проблем во администрацијата не е превработеноста, иако и таа е висока, туку недоволната компетентност , недоволната стручност и недоволниот професионализам поради кои не може да даде резултат. Тоа, пак, според негова оценка, е последица на партизацијата на администрацијата, на вработувањата според етничка припадност, а не според стручност и на непотизмот.
Додаде дека во 2016 година во јавната администрација имало 129.000 вработени во 1.290 институции, а во 2023 бројката на вработени била речиси иста – 128.000, но имало 1.370 институции. Само во неговото министерство тој оцени дека се вишок половината, но реформата што ја подготвува не предвидува намалување на бројката туку преедукација, а отказ само за тие што ќе го одбијат тоа или и натаму нема да се обидуваат да дадат подобар резултат.
Негов личен став е дека јавната администрација треба да биде професионална, добро средена, намалена по број и која што ќе пружа сериозно квалитетни услуги на граѓаните. Според министерот, станува збор за процес којшто трае и бара сериозен пристап и во дебатите за трите закони од оваа сфера важно е да се слушне и гласот на граѓаните. Отпушањето на вработените во јавната администрација сега засега не е опција, туку ќе се работи на нивна реедукација. Процесот е веќе започнат во Министерството за јавна администрација каде околу 50 проценти се вишок, но може да изберат што ќе работат според нивните компетенции.