Во државава минатата година биле идентификувани 48 жртви на трговија со луѓе, од кои 39 по потекло од Тајван, а останатите девет биле деца, посочи денеска заменик-народниот правобранител Јован Андоновски на онлајн-конференцијата по повод Европскиот ден на жртвите од криминал, 22 февруари, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.
Андоновски информира дека од деветте жртви на трговија со луѓе од земјава, три се деца од Скопје, две возрасни лица од Велес, една постара жртва од Русија и по едно дете од Куманово, Кичево и Прилеп.
– Жртвите претежно се женски со исклучок на едно машко дете. Местото на експлоатација на овие девет жртви се различни локации низ повеќе градови на територијата на земјава. Конкретно, во Скопје едно лице, едно лице во скопскиот регион и по едно лице во Прилеп, Струга, Велес и Гостивар. Исто така, во текот на 2021 година идентификувани се и две наши државјанки кои биле експлоатирани во Белгија и БиХ. Во однос на родова застапеност, повеќето жртви се жени или девојчиња, кои најчесто се жртви на двојна, комбинирана експлоатација – сексуално искористување и трудова експлоатација. Во изминатата деценија, за одбележување е континуирана појава на договорни или присилни бракови кај децата, која продолжува, посочи Андоновски.
Тој додаде дека народниот правобранител во функција на Национален известувач за трговија со луѓе илегална миграција констатира дека проактивно идентификување на жртви на трговија со луѓе во РСМ е клучен предизвик, бидејќи само идентификуваната жртва можно е да се здобијат со ефективна и ефикасна заштита и да се спречи и нивна понатамошна ре-виктимицазија.
– Адекватната заштита на жртвите на трговија со луѓе подразбира сеопфатени итни и долготрајни услуги како што се: безбедно сместување, медицинска и правна помош, пристап до образование, вработување, доквалификација, домување итн, рече Андоновски.
Тој истакна дека во однос на формите на експлоатација во најголем дел се работи за сексуална експлоатација, која најчесто се врши во угостителски објекти и ноќни клубови, потоа трудовата експлоатација која се врши преку присилна работа во угостителските објекти, комбинирана со сексуална експлоатација, и трудова експлоатација за потребите во земјоделието, сточарството и преку присилно питачење, како и присилните бракови како форма на експлоатација кои истовремено се комбинирани со сексуална и трудова експлоатација.
– Во однос на профилот на жртвите се констатира дека најчесто се работи за женски деца од ранливите категории, кои станале жртви на трговија поттикнати од различни општествени, економски и социјални фактори, како: сиромаштијата, половата дискриминација, семејното насилство и други лични состојби на жртвата, како што е возраста, здравствената состојба, посебни потреби и сл, рече тој.
Андоновски препорачува дека треба да се работи на подигнување на јавната свест, при што се неопходни континуирани кампањи и медиумска покриеност и инфомирање на граѓаните преку социјалните мрежи, со цел граѓаните полесно да препознаваат шеми за трговија со луѓе или илегална имиграција.
Според него, неопходно е и зголемувањето на теренска работа на сите релевантни субјекти со цел проактивната идентификација на жртвите и деца жртви, која овозможува навремена идентификација на терен, упатување, помош и поддршка, соодветно сместување и нивно навремено вклучување во реинтеграциски процеси.
– Потребен е и зголемен ангажман и присуство на здравствените работници во идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе/прелиминарна идентификација, како и проактивен пристап во идентификацијата на случаи на присилно питачење на децата, како ранлива категорија за трговија со луѓе. Финализирање на постапката за формирање на Оперативниот тим за координација и управување со случаи на ТЛ, со што ќе се придонесе во зајакнување и координација помеѓу вклучените страни во однос на идентификацијата на жртви на трговија со луѓе, рече заменик-народниот правобранител.
Извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска, рече дека Комитетот директно не работи со жртвите на трговија со луѓе, туку ранливи категории потенцијални жртви на трговија со луѓе.
Таа посочи дека во текот на бегалската криза, Хелсиншкиот комитет беше присутен на терен и добиваше информации за случаи на мигранти кои мистериозно исчезнувале, особено во делот на Табановце за кои потоа неофицијално дознале дека станале жртви на трговија со луѓе.
– За овој феномен ако треба да дадам осврт колку државата направила од аспект на легислативата, институциите…, заклучокот е дека горе долу добро стоиме кога станува збор за тоа. Но, сепак Северна Македонија во извештајот на Стејт департментот е констатирано дека е држава којашто не ги исполнува минималните стандарди, за да може да се справува со овој феномен, оцени Пировска.
Според неа, на оние кои им е дадена задача да го спроведуваат законот, тоа не го прават на начин на кој би довел до позитивен исход.
– Не работиме директно на жртви на трговија со луѓе, но со оние луѓе кои се потенц жртби – жени, жени жртви на сем насилство кои поради насилството, деца Роми питачи, лица со порпеленост, сексуални работнички, текстилни работнички, сите оние со кои ХК работи на пружање минимална заштита.
Според неа, државата и покрај тоа што ги има сите неоопходни струкруити да го прави тоа не води сметка за ранливите групи кои стануваат жртви на трговија со луѓе и оти како земја се соочуваме со феноменот на неказнивост што влијае одредени кривични дела и феномени да остануваат на ниво на неможност да се справиме со тоа.
– Жените жртви на сексуално насилство се двојни жртви, судиите одлучуваат промптно за родово базираното насилство, насилчникот останува во заедничкиот дом, со што таа станува жртва на многу кривични дела, а едно е трговија со луѓе, поради тоа што генерална оценка е тоа што жените се во социјален ризик поради положбата да се грижат сами за себе и многу ретко пријавуваат дека се жртви на таков криминал, рече таа.
Пировска децидна дека не треба само да се воспоставуваат формални тела, туку тие треба да одговорат на работата за којашто се поставени.
Јасмина Рајковска, извршна директорка на „Отворена порта / Ла страда“, рече дека организацијата 20 години работи на феноменот справување на трговијата со луѓе, со цел да се обезбеди рана идентификација на потенцијалните жртви на трговија со луѓе и да се обезбеди поддршка, помош и заштита на потенцијалните жртви на трговија со луѓе.
– Старосната граница на жртвите на трговија со луѓе е намалена, најголем број се жени но во изминатата година се деца на возраст од 12 до 18 години, и токму затоа посебен фокус на оваа програма е директен контакт на децата со младите, на врсничка едукација, дистрибуција на превентивни материјали меѓу младите и децата, посочи Рајковска.