Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ повторно побара од Владата да даде одговори каде, како што вели, се загуби датумот за преговори со ЕУ, кој беше најавуван. Тој повика министерот за надворешни работи да биде присутен на Комисијата за надворешна политика во Собранието и да даде отчет.
-Се надевам дека Османи ќе биде присутен, за тоа што тоа не е лична желба на еден министер, туку е законска обврска. Во нормалните демократии не мора со протести и притисок од јавноста да издејствувате министер да се појави во парламентот, туку доволно е самиот министер или Владата да имаат чувство на одговорност дека пратениците се избрани од граѓаните токму за да ја контролираат и да ја прашуваат власта како работи, вели Милошоски во „Утрински Брифинг“, а потоа додава:
-Она што го има Бугарија, заедничка позиција за националните и европските прашања, а за жал го нема Македонија, заради неспособноста на власта да изгради консензус, вели тој.
Милошоски додаде дека токму тоа што Македонија нема заедничка позиција за национални и европски прашања е најголемиот хендикеп.