Не е толку скандалозно што Фрчковски бил номиниран за амбасадор, колку што е скандалозно тоа што бил одбиен, изјави Антонио Милошоски во емисијата Дебати на Тв Шења.
„За прв пат ни се случува и тоа откако го потпишавме Договорот за стратешко партнерство со Америка во 2008 г, откако станавме земја членка на НАТО, македонски кандидат за амбасадор да биде одбиен. Тоа е сериозен шамар за македонската дипломатија“, изјави Милошоски, додавајќи дека Фрчковски е првиот кандидат за амбасадор кој е одбиен во историјата на македонската дипломатија.
Досега како што вели Милошоски ниту една земја нема одбиено наш кандидат за амбасадор.
Во емисијата Милошоски изјави дека одлуката за одбивањето на Фрчковски нема персонален карактер, како што самиот тој во интервју изјавил, туку е поради фактот што земји како САД, Франција Германија, Холандија, Кина Британија тие имаат многу педантна дипломатска архивска меморија.
„Ова не е личен однос, ова е однос на државата, тие направиле проценка и еден човек не може да биде пресуден “, вели Милошоски.
Милошоски изјави дека не знае дали таа одлука е поврзана времето кога се кршеше ембаргото со Србија, со палењето на американската амбасада или неговите потписи за следење на неговите политички и новинарски неистомисленици во времето кога бил министер за внатрешни работи и затоа очекува Владата да даде одговори по тоа прашање.
„Америка не носи лесни и лични одлуки. Ова е некоја сериозно издржана одлука. Американците имале сериозна причина штом ги известиле претседателот Пендаровски и тогашниот премиер Заев и потоа Владата ретерираше“, изјави Милошоски.