Мандатот на Дритан Абазовиќ на чело на црногорската влада заврши по гласањето утринава. За паѓање на Владата гласаа 50 пратеници од вкупно 81 во Парламентот. Иницијативата за тоа дојде од партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ и четири други парламентарни групи, иако партијата на Ѓукановиќ беше таа што му помогна на Абазовиќ да стане премиер на крајот на април. По гласањето, Абазовиќ обвини дека го урнал организираниот криминал и додаде дека доколку се формира нова влада пред изборите, тој нема да учествува во неа.
„Ја честитам новата коалиција на Бечиќ и Ѓукановиќ, подготвени сме да прифатиме пораз. Жалам што организираниот криминал во Црна Гора продолжува да ги користи своите пипци за регулирање на политичките односи“, изјави Дритан Абазовиќ- вицепремиер на Црна Гора во заминување.
Абазовиќ пред две недели го револтираше претседателот на државата затоа што потпиша спорен договор со СПЦ. Тој на српската црква ѝ дава посебни права во Црна Гора.
Владата на Абазовиќ беше повеќепартиска малцинска коалиција на неговата партија УРА, Зелените, Социјалдемократите, партиите на етничките Албанци и Бошњаците, како и со просрпската партија. Абазовиќ дојде на чело на државата по изборите во 2020 година, кога заврши триесетгодишното владеење на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ. Во претходната влада на Здравко Кривокапиќ тој беше потпретседател.
Абазовиќ ќе продолжи да ја води владата сè додека не се избере нов премиер.
Падот на Владата отвора можност за формирање на нова, трета Влада, врз основа на изборните резултати од парламентарните избори во август 2020 година. Доколку одредена политичка група собере 41 потпис од пратениците, ќе може да поднесе барање до претседателот Ѓукановиќ, да му го додели мандатот за состав на нова Влада./Alsat.mk
Фатлуме Дервиши