Влезот на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој е најсериозниот интегративен напор на нашата земја по нашиот прием во ЕУ и НАТО, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков на брифинг во Владата на Република Бугарија, пренесува Трибуна.

Претходно, пред почетокот на редовната седница на кабинетот, преодниот премиер најави дека ќе биде донесен указ за подготовка на членството на Бугарија во организацијата, откако минатата недела владата најави дека треба да ги подготви сите потребни документи.

„Оваа тема отсекогаш била приоритет за Министерството за надворешни работи, а сега и за преодната влада. Приклучувањето ќе влијае на сите сфери на јавниот живот. Мотото на организацијата е „подобри политики за подобар живот. Така, ние учествуваме, ако не во клубот на богатите, тогаш барем во клубот на оние кои ги одредуваат најдобрите практики во светски размери“, коментира Милков.

Според него, има само неколку сфери за кои не се занимава Организацијата за економска соработка и развој – тоа се одбраната и внатрешните работи.

Усвоената одлука е од координативен карактер и дополнително го развива механизмот за меѓуресорска координација создаден во 2017 година. Работните групи се дефинираат во зависност од поединечните инструменти и конвенции на организацијата.

„На 25 август ќе се одржи првиот состанок на кој ќе бидат доделени првите задачи.Целта е да се подготви првична верзија на таканаречениот почетен меморандум на кој мора да работиме и кој е одговор на патната карта, која ни е дадена, до крајот на септември. Целта е до крајот на октомври да се финализира и да се претстави во ноември“, посочи министерот Милков.