Повеќе од милијарда дози вакцини против коронавирус се потрошени ширум светот за помалку од пет месеци од почетокот на првите кампањи за масовна вакцинација во декември 2020 година, според пресметката на Франс Прес.
Најмалку 1.002.938.540 дози се потрошени во 207 земји и територии на светот, според пресметката заснована на официјални извори.
Повеќе од половина од вкупниот износ (58 проценти) е потрошен во три земји: САД (225,6 милиони), Кина (216,1 милиони) и Индија (138,4 милиони). Но, во однос на популацијата, најуспешен е Израел, каде скоро 60 проценти од населението ги примило двете дози на вакцината.
Следат Велика Британија (49 проценти добиле барем една доза), Обединетите Арапски Емирати (повеќе од 51 процент), САД (42 проценти), Чиле (41 процент), Бахреин (38 проценти) и Уругвај ( 32 проценти).
Во Европската унија, 128 милиони дози примиле 21 процент од населението. Најгусто населените земји во Европската унија имаат европски просек – Франција 20,5 проценти, Германија 22,6 проценти, Италија 19,9 проценти и Шпанија 22,3 проценти, далеку зад Малта (47 проценти) и Унгарија (37 проценти).
Иако 500-милионитата доза е потрошена по четири месеци, на 25 март, требало помалку од еден месец бројот да се удвои.
Иако повеќето сиромашни земји започнале со вакцинирање, најмногу благодарение на механизмот Ковакс (СЗО, Гави Алијансата и Коалицијата Цепи), сепак, тоа е привилегија на земјите со високи примања, според Светска банка, каде што живеат 16 проценти од човештвото, но добиле 47 проценти.
Земјите со ниски примања досега добиле само 0,2 проценти од нивните дози.
Дванаесет земји сè уште не започнале со вакцинација – седум африкански (Танзанија, Мадагаскар, Буркина Фасо, Чад, Бурунди, Централноафриканска Република, Еритреја), три во Океанија (Вануату, Самоа, Кирибати), една во Азија (Северна Кореја) и една на Карибите (Хаити).
Вакцината АстраЗенека / Оксфорд, и покрај полемиките, е најшироко користена во светот и се користи во три четвртини од земјите и териториите кои спроведуваат кампањи за вакцинација (најмалку 156 од 207, или 75 проценти).
Таа е пред Pfizer / BioNTech (барем во 91 земја, 44 проценти), Модерна (барем во 46, 22 проценти), Синофарм (барем во 41 земја и територија, 20 проценти), Спутник V (барем во 32 , 15 проценти) и Синовак (барем кај 21, 10 проценти).