Над 120 ученици од основното училиште „Ристе Ристески“ во село Долно Косоврасти ќе можат да се вратат во училишните клупи од септември во целосно реновирани простории по најнови стандарди за енергетска ефикасност, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски за време на посетата на дебарскиот регион.
– Сите граѓани имаат право на квалитетни и еднакви услуги. Децата пред сè и затоа во рамките на овој проект во најголем број се опфатени основните училишта. Министерството за локална самоуправа кое е одговорно за рамномерниот регионален развој во државата поддржува проекти коишто ги подобруваат услугите и квалитетот на живеење, особено во општините и населените места кои немаат доволно сопствени ресурси, додаде министерот за локална самоуправа.
Милевски појасни дека покрај ова училиште реновирани се вкупно седум јавни објекти во шест општини во Југозападниот плански регион.
– Со проектот, зависно од потребите на објектот, се санирани сите критични точки, подови, покрив, прозорци, фасада, со што значително се подобрува внатрешниот амбиент, безбедноста и удобноста, но и се прават заштеди во потрошувачката на енергија. И во иднина ќе продолжиме со поддршка на вакви корисни проекти коишто директно имаат влијание на квалитетот на живеење. Ако децата и родителите се задоволни, тогаш ние сме најзадоволни, рече тој.
Целиот проект во вредност од 17 милиони денари го финансираше Министерството за локална самоуправа од Програмата за рамномерен регионален развој, заедно со Центарот за развој на Југозападниот плански регион и со Бирото за регионален развој. Првично биле планирани 22 милиони денари, но со направените заштеди, пет милиони евра се пренасочени за реализација на друг проект во овој плански регион, информираат од Министерството за локална самоуправа.