Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески со патерици и со полициско возило од неговиот дом, утрово е спроведен во судот. По барање на судијата Осман Шабани, обвинетиот Јанакиески, денеска на судењето за ,,Топлик”, беше донесен со полиција. Поради повреда на ногата и хирушка операција, поранешниот министер за транспорт и врски, на судењето пристигна со ортопедски помагала. За својата здравствена состојба, тој до судот доставил и медицинска експертиза.
Неговиот адвокат Еленко Миланов изјави дека не ја разбира потребата на судот, Јанакиески да биде спроведен во ваква состојба.
Изминатите рочишта за случајот „Топлик“ беа одложени бидејќи обвинетиот Јанакиески го скршил коленото.
Во предметот „Топлик“ кој се однесува на продажбата на државно градежно земјиште во Сопиште за изградба на населбата Сончев Град, Јанакиески тврди дека работел законски и не влијаел во работата на комисијата за јавно наддавање при продажбата на земјиштето. Петтемина членови на таа комисија, исто така, седат на обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања.