Група руски научници изолирале микроскопско суштество коешто десетици илјади години лежело замрзнато во земјата под сибирскиот вечен мраз. Ним не само што им успеало да го одмрзнат неоштетено и да го вратат во живот, туку малото повеќеклеточно животно почнало да се размножува. Тоа го изнесува на виделина фактот дека постои механизам според кој повеќеклеточните животни можат да избегнат оштетување на клетките за време на процесот на замрзнување и да се разбудат способни за раст и развој.
„Нашиот извештај е најцврст доказ дека повеќеклеточните животни можат да издржат десетици илјади години во криптобиоза, состојба на скоро целосно угасен метаболизам“, вели биологот Стас Малавин, од лабораторијата за почвена криологија на Институтот за истражување на почвата во Русија.
Суштеството ѝ е познато на науката. Се работи за микроскопски безрбетник наречен ротифер. Овие ситни организми живеат во водите низ целиот свет, а нивната способност да преживеат екстремни услови, како што се замрзнување и дехидрираност е фасцинантна, пренесува Енаука.
Античкиот арктички вечен мраз е неочекувано богат со разни групи на антички организми кои преживеале илјадници години. Меѓу нив и многу бактерии, вируси, растенија и мовови.
Анализата на тимот сугерира дека, ако процесот на замрзнување е релативно бавен, клетките на ротиферите можат да го преживеат формирањето на ледените кристали со минимално оштетување, што им овозможува да преживеат. Иако е сè уште нејасно како можат да преживеат десетици илјади години.
Тимот планира да изврши понатамошно истражување на процесот со надеж дека ќе го идентификува токму тој механизам, што би можело да помогне да се пронајде начин за заштита на клетките на посложени организми.
„Идејата дека еден повеќеклеточен организам може да се замрзне и да се чува како таков илјадници години и потоа да се врати во живот е сон на многу писатели на научна фантастика“, вели биологот Малавин.
“Се разбира, колку е покомплексен организмот, толку е покомплицирано да се зачува жив, што за цицачите во моментов не е можно“, посочуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во списанието Current Biology.