По одлуката на Апелација да му го укине притворот за се уште неправосилната пресуда од осум години затвор за случајот Трезор, Кривичен на барање на Обвинителството му определи нови 30 дена зад решетки за предметот Плацеви на Водно. Според неговата одбрана судот направил преседан со оглед на тоа што повисокиот суд донел поинаква одлука.
Апелација вчера одлучи да ја прифати понудената гаранција од 11 милиони евра наспроти негативното мислење на Вишото јавно обвинителство. Неколку часа подоцна обвинителката Лиле Стефанова побара нов притвор за Мијалков, овој пат за случајот Плацеви на Водно.
Адвокатот Звонко Давидовиќ информира дека е поднесе жалба на мерката притвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за предметот „Плацеви на Водно“ и најавува ќе бидат употребени сите правни алатки кои и стојат на располагање на одбраната.
-Треба да се знае дека вчера беа донесени две решенија, спротивни едни на други, а правило е дека решение на определен суд може само во законска постапка да се поништи од повисок суд. Вчера, за жал се случи Основниот кривичен суд Скопје да стави вон сила решение на Апелацискиот суд кој е повисок суд од него. Апелација ја прифати гаранцијата и ги проценуваше сите околности и предмети за обвинетиот, но за жал Основниот суд го држеше обвинетиот надвор од законот без каков било правен основ неколку часа во притвор, затоа што првосилноста на решението на Апелацискиот суд беше во 14 часот, а дури околу 21 часот му го врачија новото решение во кое му се определува притвор затоа што има веќе изречени две казни, без да се наведе дека не се правосилни, дека се води истрага која се води 100 години, најверојатно се мисли на „Империја“…., изјави Давидовиќ денеска пред Кривичниот суд.
Мијалков има првостепена пресуда и во случајот „Таргет Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда. Во притвор е од крајот на февруари годинава.