Се стремиме да играме лидерска улога како даватели на енергетска безбедност, а истовремено да им помогнеме на некои од нашите балкански пријатели побрзо да го исфрлат јагленот, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на панел-дискусија на Економскиот форум во Давос, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис изрази надеж дека среднорочно и долгорочно, Грција може стане и извозник на зелена енергија.

Објасни дека со изградбата на силни интерконектори, гасоводи, пловни единици за складирање, земјата може да биде снабдувач со енергија на Балканот, но како што рече, доколку биде потребно, да извезува природен гас и до Украина.

-Ако ја погледнете мапата, растојанието не е толку големо. Но, на среден и долг рок, се стремиме да станеме извозник на зелена енергија, искористувајќи го значителниот потенцијал што го имаме, особено во енергијата на ветерот, порача Мицотакис.

Дополнително посочи дека „ако сакаме да имаме европски пазар на обновливи извори на енергија, кој беспрекорно ќе испраќа енергија низ целиот континент, ќе треба повеќе да се фокусираме на мрежите и поврзувањата“.