Премиерот Христијан Мицкоски очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.

„Па ако биде сѐ како што треба, не би се изненадил тоа да биде 2028–2029“, изјави Мицкоски, коментирајќи ги очекувањата за растот на туризмот во земјава.

Одговарајќи на новинарско прашање за движењата во туризмот, економскиот придонес на секторот, бројките од 2025 година и очекувањата од 2026 година, Мицкоски рече:

„Туризмот е еден од нашите приоритети. Минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, некаде над 6 отсто. Но, она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10%, таа е двоцифрена бројка. Се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок. Оваа година повторно имаме организирани групи, повторно како Влада сме проактивни и работиме. И јас очекувам повторно двоцифрен број на раст кај странските туристи и генерално очекувам 2026 да имаме раст на бројот на туристи во Македонија. Работиме паралелно и во поддршка на изградба и надградба и реновирање на постоечките туристички сместувачки капацитети и угостителски капацитети. Целата наша е да дојдеме до, ако е возможно тоа, до пет милиона преноќувања во Македонија, нешто коешто ќе претставува историски рекорд. Е сега работиме во таа насока. Оваа година, чекор по чекор да дојдеме до три и пол милиона, па потоа и понатаму.“

Текстот Мицкоски за туризмот: Очекуваме пет милиони преноќувања до 2028, ако сè оди по планот е превземен од МАКФАКС.