На еден ден пред расправата за интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесена од партијата Левица, премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го менува ставот ниту тој како човек, ниту пак го менува ставот партијата ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски уште во март, по пожарот во Кочани, кажа дека ќе им даде шанса и на Коцевски и на останатите обвинители да работат и да сработат, имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата.
„Јавноста ќе види утре. Ние како политичка партија и јас како човек, не ги менуваме ставовите преку ноќ“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи новинарски прашања по свеченото отворање на базен во ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во Кисела Вода.
Интерпелацијата за Коцевски ја поднесе партијата Левица во јуни поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пратениците утре ќе расправаат за интерпелацијата на Коцевски во рамки ја 64. Пленарна седница на Собранието.
Обвинителот Коцевски ги отфрли сите наводи во интерпелацијата и кажа дека функцијата ја врши чесно и одговорно./ Макфакс