Мицкоски раскрстува со својот претходник кој го предложи за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Од отворена сцена во Велес, пред партискиот подмладок, во неколку минути го обвини Никола Груевски дека преговарал за сопствената судбина со ДУИ и СДСМ во пресрет на уставните измени, пренесува Телма.
–Не можам никако да разберам како воопшто е возможно да се уортачи било кој со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични, прогони и предавства кои се случија на Македонија. Да дели УСБ-а и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори. Ја сфаќам и неговата тешка судбина, но пеколно е сознанието дека зад завесата се прават валкани планови за кои цената би требало да ја плати друг, рече Мицкоски.
Мицкоски во говорот за своето претседателство на ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека го пратил Заев во политичка пензија, но исто така оцени дека партијата го пензионирала и СЈО, чии обвиненија сега се пред застарување поради измените на Кривичниот законик.
За периодот кога станал претседател, Мицкоски рече дека биле меѓународно излоирана партија со замрзнат имот. Но причините за изолацијата и за замрзнувањето на Белата палата не ги соопшти.
–Бевме среќни ако некој по ходници здраво ни направеше. Тоа беше реалноста таа зима 2018-ма, се пожали Мицкоски.
Во говорот Мицкоски уште еднаш повтори дека партијата нема да поддржи уставни измени и оптимистички порача дека ќе победат на наредните избори по што ќе се посветат на економијата и на борбата против корупцијата и криминалот.