ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во Парламентот и не би се изненадил ако имаме 61 пратеник, изјави денеска на новинарско прашање, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

– Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа. Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, рече Мицкоски пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

Според него, успех пред сѐ, е тоа што се случило во првиот круг од претседателските избори и изјави дека очекува масовност на гласачите и на вториот круг од претседателските избори.

– Благодарност до македонските граѓани. Благодарност до сите оние коишто го дадоа својот глас за идниот претседател Гордана Силјановска Давкова и однапред се заблагодарувам на сите оние граѓани, коишто чувствувам дека масовно ќе излезат на изборите во среда и масовно ќе го дадат својот глас за идниот претседател и за коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаде Мицкоски.

Тој пред Соборниот храм во Скопје, каде присуствуваше на свечената литургија по повод големиот православен празник Велигден, го честиташе Христосовото воскресение и посака хармонија и спокој за сите.